
Германски свештеник објави дека, по 37 години, се повлекува од службата во својата парохија, притоа откривајќи претходно тајна романтична врска со жена.
„Причината е што ќе се женам“, изјави Андреас Унфрид на интернет-страницата на парохијата Света Урсула што се наоѓа во областа Таунус, близу Франкфурт, западна Германија.
Тој го информирал бискупот Георг Бацинг од Лимбург за својата одлука – да се ожени со својата „голема љубов“ и да се повлече.
– „Сега љубовта ме повикува кон жената со која долго време го делев мојот живот. Заедно, ќе бараме начини на коишто можеме да продолжиме да ја живееме нашата христијанска вера заедно, отсега па натаму“, напиша Унфрид.
Гласноговорникот на парохијата, Стефан Шнеле за ДПА изјави дека бискупот Бацинг „веднаш го суспендирал“ Унфрид. Бискупот не знаел ништо за тајната љубовна врска.
Всушност, парохијата му се заблагодарила „за децениска служба и му посакува сѐ најдобро“.
– Вакви случаи се случуваат одново и одново. Сепак, по толку години служба, тоа беше невообичаено. Како резултат на неговата одлука, Унфрид ќе мора да прифати финансиски загуби во иднина, додаде Шнеле.
Според црковните прописи, католичките свештеници се обврзани со целибат и не смеат да стапат в брак.



