Skip to main content
Хроника

Пијан со пиштол се обидел да ограби локал во Тетово, полицијата експресно го уапси

03/06/2026  21:58

Брзата интервенција на полициските службеници од СВР Тетово спречила обид за разбојништво во угостителски објект во Тетово, при што е приведен 22-годишен жител на градот.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, на 3 јуни 2026 година околу 16 часот на улицата „Илинденска“ во Тетово бил лишен од слобода Х.Д. (22) од Тетово. При негов преглед бил пронајден и одземен гасен пиштол, а алкотестирањето покажало дека бил под дејство на алкохол, при што му биле измерени 1,35 промили алкохол во крвта.

Претходно, во СВР Тетово било пријавено дека околу 15:30 часот во угостителски објект во градот било извршено обид за разбојништво. Според пријавата на А.И. (38) од Тетово, кој бил на своето работно место, осомничениот влегол во објектот и со закана со пиштол побарал да му бидат предадени парите од дневниот промет.

Откако вработениот одбил да му ги даде парите и побарал да го напушти објектот, меѓу двајцата настанала физичка пресметка. Во текот на инцидентот, осомничениот го удрил А.И. во пределот на главата со кундакот од пиштолот.

По нападот, напаѓачот избегал од местото на настанот, но по преземените оперативни мерки и активности од страна на полицијата бил брзо лоциран и приведен.

Осомничениот е задржан во полициска станица, а по целосното документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.