
Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје им одреди мерка притвор во траење од 30 дена на четири лица осомничени во истрагата за злоупотреби поврзани со јавни набавки и коруптивни дејствија.
Одлуката е донесена по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, кое побара определување мерка притвор за лицата за кои постои основано сомнение дека сториле кривични дела „Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“, како и „Примање награда за противзаконито влијание“ и „Давање награда за противзаконито влијание“.
По нивното спроведување во судот и произнесување пред судија на претходна постапка во присуство на бранители, судот го прифатил предлогот на обвинителството и донел решенија со кои на С.Б., Д.Г., А.С. и С.М. им е определен притвор во траење од 30 дена.
Како што информираат од Кривичниот суд, мерката е определена поради постоење на законските основи предвидени во член 165 став 1 точки 1 и 2 од Законот за кривична постапка.
Против донесените решенија, осомничените и нивната одбрана имаат право на жалба до Кривичниот совет, кој ќе одлучува по евентуално поднесените правни средства.
Истрагата за случајот продолжува, а надлежните институции најавуваат понатамошно прибирање докази за утврдување на сите околности поврзани со наводните злоупотреби и коруптивни активности.

