Skip to main content
Македонија

Петковски: Македонија троши 44 милиони евра годишно за осигурување од несреќи, но парите завршуваат во „буџетска дупка“

28/04/2026  22:18

Системот за осигурување на работниците во Македонија е застарен, бирократизиран и неефикасен, а милионски средства наменети за заштита на вработените завршуваат без јасна намена. На ова предупреди Милан Петковски од Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР), во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4тв.

Според него, Македонија формално го применува таканаречениот „Бизмарков модел“, според кој 0,5 проценти од бруто-платата на секој вработен се издвојуваат за осигурување во случај на несреќа на работното место.

Но, наместо овие средства да се собираат во посебен фонд за превенција, обештетување и подобрување на безбедноста, тие завршуваат во државниот буџет.

„Годишно станува збор за околу 44 милиони евра кои работниците ги плаќаат за оваа намена, а никој не знае точно каде се тие пари“, посочи Петковски.

Тој додаде дека дури и вработени во институциите често немаат јасна слика за овие средства и владее ставот дека не треба да се отвора прашањето.

Како пример за поефикасен модел, Петковски ги посочи Германија и други западноевропски држави, каде ваквите фондови функционираат преку посебни акционерски друштва и приватно-јавни партнерства.

Во таков систем, средствата не мируваат, туку постојано се инвестираат во подобра заштита, превентивни мерки и брзо обештетување на повредените работници.

„Што ќе му дадеш на државата, тоа се бирократизира. Со приватно-јавно партнерство, акционерите се мотивирани да се грижат и за парите и за безбедноста на работникот“, рече Петковски.

Тој објасни дека во праведен систем осигурителниот агент би имал клучна улога. Доколку работник се повреди, фондот веднаш би исплатил обештетување, а потоа би проверил дали работодавачот ги презел сите мерки за заштита.

Ако фирмата работела согласно прописите, би плаќала пониска премија. Но, ако несреќата настанала поради небрежност, компанијата би морала да ги врати средствата во фондот и би плаќала двојно повисок процент за осигурување.

Петковски нагласи дека вакви модели веќе функционираат во Словенија, Хрватска и Србија, додека во Македонија сè уште нема конкретен чекор кон реформа.

Тој заклучи дека недостасува само политичка волја за да се создаде систем во кој парите на работниците навистина ќе служат за нивното здравје, сигурност и достоинство.