Skip to main content
Свет

Папата Франциск помина мирна ноќ во болница, соопшти Ватикан

12/03/2025  14:10

Папата Франциск помина „мирна ноќ“ во болница, објави Ватикан, на 27-от ден од хоспитализацијата на поглаварот на Римокатоличката црква, кој боледува од двострана пневмонија.

Вчера беше објавено дека 88-годишниот папа повеќе не е во животна опасност и е во стабилна состојба, со мало подобрување. Сепак, лекарите во болницата Гемели во Рим не се обврзуваат на датумот за отпуштање на папата, кој беше хоспитализиран на 14 февруари со бронхитис кој прерасна во двострана пневмонија.

Франциск веќе бил ослабен поради голем број здравствени проблеми – прекумерна тежина и болки во колената. Тој беше опериран на желудникот и дебелото црево и пати од повторливи респираторни проблеми.

На папата му го отстраниле горниот дел од десното белодробно крило кога имал 21 година. Неговите здравствени проблеми доведоа до обновени разговори за неговата способност да ги извршува своите должности и шпекулации за можна оставка.