Skip to main content
Македонија

Пандов: Осуденици се однесуваат како во хотел, државата ги чини по 1.000 евра месечно

21/10/2025  18:54

Во македонските судови во моментов има околу 430 осудени лица со А-третман и околу 340 со Б2-третман, од кои најголем дел, според директорот на Управата за извршување на санкции Александар Пандов, би можеле да бидат пуштени на условен отпуст – се разбира, со препорака од секторите за ресоцијализација во затворите и од директорите на казнено-поправните установи.

„Не велам дека сите, но најголем дел од тие осудени лица можат да бидат на условен отпуст, нормално, претходно со препорака од секторот за ресоцијализација и од директорите на затворите,“ рече Пандов на денешниот работен состанок „Пробација и условен отпуст“, одржан во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ во Скопје.

На состанокот учествуваа директорката на Академијата, Ирина Трајкоска-Стрезоски, претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, како и претседатели на судови и судии кои постапуваат по предмети за условен отпуст.

Пандов посочи дека пробацијата во Македонија постои веќе шест години, но не се користи доволно, иако системот има потенцијал за многу поширока примена.

„Еден осуденик месечно нè чини околу 1.000 евра. Не мал број од овие 750 луѓе нè чинат многу како општество, а одат таму и се однесуваат како во хотел – ги храниме и ги чуваме,“ додаде Пандов, укажувајќи на економската корист што би ја имал системот доколку условниот отпуст се применува почесто.

Во моментов над 900 лица се под пробациски мерки, а има и повеќе од 100 барања за нивен прекин, најчесто поради непочитување на обврските од страна на осудениците.

Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, нагласи дека суштината на казнувањето не е секогаш во самата казна, туку во ресоцијализацијата и рехабилитацијата на сторителите, при што условниот отпуст е клучен механизам во таа насока.

Директорката на Академијата, Ирина Трајкоска-Стрезоски, додаде дека институцијата ќе продолжи да им дава поддршка на судиите и судовите што применуваат алтернативни мерки и санкции.

Законот за пробација е донесен во 2015 година, а се применува од 2018 година. Иако е важен инструмент за намалување на пренатрупаноста во затворите и реинтеграција на осудените лица, надлежните институции сметаат дека неговата примена треба да се засили и унапреди.