Skip to main content
Македонија

Ордановски: Вештачката интелигенција ќе го промени новинарството, новинарите стануваат се позаменливи

16/06/2026  21:21

Новинарската професија се соочува со сериозни предизвици поради брзиот развој на технологијата и вештачката интелигенција, оцени политичкиот аналитичар и новинар Сашо Ордановски во гостување во емисијата „Ноќно Студио“ на 4ТВ.

Ордановски истакна дека новинарството на глобално ниво бележи пад на квалитетот, но нагласи дека сè уште постојат медиуми кои успеваат да ги зачуваат високите професионални стандарди.

„Има центри на новинарство во светот кои сè уште држат до сопствените стандарди, но тоа главно се медиуми на англиски јазик, каде што публиката е огромна и можностите за заработка се многу поголеми“, изјави Ордановски.

Тој оцени дека малите јазични пазари, меѓу кои и македонскиот, се соочуваат со дополнителни потешкотии поради ограничената публика и сè помалиот интерес за квалитетни медиумски содржини.

Според Ордановски, вештачката интелигенција веќе значително ја менува улогата на новинарите, бидејќи голем дел од задачите може да ги изврши побрзо и поефикасно.

„Денеска со вештачка интелигенција можам за 10 секунди да добијам подобра анализа на некој меѓународен договор отколку од новинар специјализиран за надворешна политика кој треба да следи, да истражува и да инвестира време“, рече тој.

Ордановски предупреди дека токму брзината и пониската цена на технолошките алатки ќе бидат еден од најголемите предизвици за медиумската индустрија во периодот што следува, особено за редакциите кои работат на помали пазари.