
Политичкиот аналитичар Сашо Ордановски оцени дека македонското општество се наоѓа во состојба на сериозна дезориентираност и намалена доверба во иднината, што, според него, претставува една од најголемите пречки за развојот на демократските процеси.
Гостувајќи во емисијата „Ноќно Студио“ на 4ТВ, Ордановски истакна дека демократијата тешко може да се гради во атмосфера на песимизам и општествена апатија.
„Македонското општество е прилично дезориентирано, опадната е вербата во иднината, а да градите демократија со песимизам е еден од клучните проблеми“, изјави Ордановски.
Тој нагласи дека, иако денес јавноста има пристап до голем број информации, дел од најважните процеси остануваат надвор од вниманието на граѓаните.
Според Ордановски, политичките теми речиси целосно го окупираат медиумскиот простор, поради што значајни општествени прашања и процеси остануваат во втор план.
Аналитичарот оцени дека медиумите во најголема мера се насочени кон секојдневните политички конфликти, што резултира со постојано повторување на истите теми и ограничен простор за отворање пошироки дебати за прашања кои директно влијаат врз животот на граѓаните.

