Skip to main content
Скопје

Општина Аеродром по петти пат активен учесник во „Генералка викенд“

09/05/2025  13:29

ООУ „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче денеска беше домаќин на централниот настан на националната акција „Генералка викенд“, посветена на екологијата и на чистењето на животната средина.

Учениците заедно со наставниците ги презентираа своите проекти пред в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, претставничката на УНИЦЕФ, Лесли Милер и директорката на Бирото за развој на образованието, Милка Тримчевска.

Преку различните експерименти и едукативно-забавни игри нашите ученици уште еднаш покажаа дека свеста за заштита на животната средина се поттикнува и се развива преку практично учење уште од најрана возраст.

-Ни претставува огромна чест што токму Општина Аеродром годинава е избрана за централно место на националната акција за чистење „Генералка викенд“, која веќе петта година се организира во текот на еден викенд во месец мај. Оваа година, во организација на Здружението „Мен енд маунтен“ акцијата за чистење се спроведува на 400 локации, во сите општини во земјата. Во акцијата се приклучија над 20 000 ученици од цела Македонија, како од основните, така и од средните училишта, кои годинава за првпат имаа можност да изберат меѓу повеќе од 130 однапред подготвени активности – со видеоматеријали и прирачници приспособени за наставници што ги изработи Бирото за развој на образованието, со поддршка од УНИЦЕФ и Шведска, велат од општина Аеродром.

„Благодарност до сите учесници, како до организаторите на овој значаен еколошки настан со кој континуирано се работи на подигнување на свеста за значењето на екологијата и заштитата на животната средина“ – се наведува во соопштението.