
Денес, во просториите на Министерството за социјална политика, демографија и млади, се одржа состанок на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство (Истанбулска конвенција).
Со состанокот претседаваше министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, а присуствуваше и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Пред членовите на Националното координативно тело беа презентирани измените на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, изготвени од работната група формирана за подготовка на законските измени.
Предложените измени и дополнувања на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство имаат за цел за да обезбедат побрза и навремена реакција на надлежните институции за заштита на жртвите, при интервенција по пријава за насилство, проценка на ризикот и управување со ризикот, заради спречување на актуелно насилство и спречување насилството да се повтори.
Согласно сознанијата од практичната примена на овој закон, се оцени потребата да се воведе брза интервенција на институциите кои постапуваат, мерките и активностите да ги преземаат така што ќе ја стават безбедноста на жртвата на прво место, ќе реагираат итно во ситуација на непосредна опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членови на нејзиното семејство. Во однос на постапките за носење на одлуки за итни и привремени мерки за заштита на жртвите, треба да создадат услови за поефикасно постапување, со предвидување на куси рокови за постапување. На овој начин ќе се создадат основи насилството веднаш да престане, а на жртвата да и се обезбеди навремена помош, поддршка и заштита.
Законот чие донесување се предлага, се заснова на истите начела на кои е заснован и основниот текст на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство.
Во изминатиот период работната група интензивно работеше на подготовка на измените со цел поедноставување на постапките и овозможување побрза и поефикасна интервенција на надлежните институции во случаите на насилство врз жените и семејно насилство.
На состанокот Националното координативно тело беа разгледани и усвоени предложените законски решенија и нивната примена во насока на поефикасна институционална заштита на жртвите и унапредување на координацијата меѓу надлежните институции.

