
Сребреница претставува траен и темен печат врз совеста на целото човештво – нагласи претседателот на Собранието, Африм Гаши, на денешното одбележување на Меѓународниот ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница во законодавниот дом.
Тој потсети дека 11 јули 1995 година е злогласен датум кога беа убиени речиси 8.000 бошњачки муслимани, чија единствена вина била нивната етничка и верска припадност.
– Тоа утро згаснаа илјадници животи и засекогаш се промени судбината на уште илјадници други. Сребреница остана запаметена како едно од најстрашните злосторства против човештвото, како најголемиот неуспех на човечноста – нагласи Гаши.
Претседателот на Собранието истакна дека одбележувањето вакви трагедии не смее да остане само церемонија, туку мора да биде повик за размислување, правда и морална одговорност.
– Нашата институционална и морална обврска е да ги паметиме и да им оддадеме почит на жртвите од Сребреница бидејќи споменот за нив е повик до сите нас – додаде Гаши.
На свеченоста присуствуваа амбасадори, пратеници и поранешни пратеници, претставници на верски заедници и политички партии, како и академската јавност.

