
Царинските управи на Македонија и Хрватска креираат заедничка платформа за соработка со бизнис заедницата, со што ќе се овозможи олеснување на легалната трговија и зголемување на трговската размена меѓу државите. Ова беше главниот заклучок од денешната средба во Хрватска остварена на високо ниво помеѓу делегации од двете држави, предводени од директорите на Царинските управи, Бобан Николовски и Марио Демировиќ, заедно со претставници од стопанските комори и асоцијацијата на превозници.
На средбата двете делегации дискутираа за предизвиците со кои се соочува бизнис заедницата, како и за можностите од нивно надминување преку поедноставување на царинските процедури, намалување на административниот товар за транспортерите и времето на чекање на границите, имплементација на современи решенија и понатамошна дигитализација на процесите, како и за можностите за приоритетен третман за доверливи економски оператори.
„Со оваа средба, испраќаме и силна порака: дека институциите навистина се сервис на економијата. Дека границите треба да бидат место на контрола на ризикот, а не бариера за легалната трговија. Царинските администрации од регионот и Европската Унија можат да работат како вистински партнери во интерес на економијата, конкурентноста и интеграцијата на нашите пазари. Оваа иницијатива ќе ја преточиме во конкретна оперативна соработка која треба да донесе мерливи резултати за економските оператори, компаниите, транспортерите и граѓаните на двете држави”, истакна директорот Бобан Николовски.
“Нашата цел е да изградиме партнерски однос со стопанството од двете земји, заснован на доверба, транспарентност и постојана комуникација, а денешната средба претставува одлична основа за понатамошно продлабочување на соработката меѓу Хрватска и Македонија. Ефикасната соработка помеѓу двете Царини ќе биде основа за развој на економиите на двете земји”, порача Демировиќ.
Присутните претставници од Стопанската комора, Сојузот на стопански комори и Асоцијацијата на превозници Макам- транс од Македонија ја поздравија иницијативата за заедничка платформа истакнувајќи дека ова е прва средба од ваков вид и е пример на успешно партнерство со институциите како клучно во зголемување на конкурентноста на економиите.



