Skip to main content
Македонија

Од првиот министер за одбрана до првороденото дете во независна Македонија – специјално „Отворено студио“ на 4TV

07/09/2026  09:52

По повод 35 години од независноста на Македонија, 4TV на 8 септември подготвува специјално „Отворено студио“ во кое ќе гостуваат личности чии животни и професионални приказни се поврзани со различни периоди од независноста на државата.

Специјалната програма започнува во 19:00 часот, во живо од пред зградата на Владата, кај споменикот на ослободителите на Скопје.

Меѓу гостите ќе биде Ѓулистана Марковска, пратеничка во првиот парламентарен состав, како и Христијан Проданов, првороденото дете во независна Македонија. Проданов е роден само три минути по полноќ, ноќта меѓу 8 и 9 септември 1991 година, додека во Скопје се славеше независноста.

Во студиото ќе гостува и Милан Талевски, организатор на прославата на 8 Септември 1991 година, како и групата „Меморија“, која била дел од прославата на независноста во 1991 година.

За создавањето и функционирањето на институциите во првите години од независноста ќе зборуваат Туше Гошев, прв министер за правда, Трајан Гоцевски, прв министер за одбрана, и Љубе Трпески, поранешен гувернер на Народната банка на Македонија.

Гостин ќе биде и новинарот Горан Михајловски, сопственик на првиот македонски пасош, како и Мирослав Грчев, дизајнер на актуелното државно знаме.

Во специјалната програма ќе учествуваат и Анета Механджијска, директорка на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, музикологот Александар Трајковски, хералдичарот Јован Јоновски, режисерката Тамара Котевска, Драган Ѓуровски – Роки, кој бил дел од бендот на Тоше Проески, како и естрадниот уметник Стефан Давидовски.

Преку нивните приказни и сведоштва, „Отворено студио“ ќе се наврати на 35-годишниот пат на независна Македонија, од референдумот и првите државни институции, преку создавањето на државните симболи, до културата, музиката и генерациите родени во независна држава.

Специјалното издание на 4TV ќе се емитува во живо на 8 септември од 19:00 часот.