Skip to main content
Македонија

Од податоци до акција: Северна Македонија одбележува 25 години родова статистика

03/06/2025  17:03

Скопје, Северна Македонија – 3 јуни 2025 година – Денес, претставници од владата, меѓународни организации, граѓанското општество и академската заедница се собраа во хотелот Дабл Три Хилтон во Скопје за да одбележат 25 години напредок во областа на родовите податоци. Настанот, под наслов „25 години родови податоци: Напредок, предизвици и иднина“, беше организиран од UN Women и Државниот завод за статистика (ДЗС) на Северна Македонија, со поддршка од Владата на Шведска.

Настанот беше отворен со обраќања од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, амбасадорката на Шведска Ами Ларсон Џаин, директорот на ДЗС Дејан Станков, и раководителката на Канцеларијата на UN Women во Северна Македонија, Весна Ивановиќ-Кастаред.

Клучен момент на денот беше промоцијата на најновото издание на публикацијата „Жените и мажите во Северна Македонија — значаен извор на родово разделени податоци за области како што се образованието, здравството, вработувањето и учеството во донесување одлуки. Од своето прво издание во 2002 година, овој извештај претставува важна алатка за следење на родовата еднаквост во земјата.

Со текот на годините, соработката помеѓу UN Women и Државниот завод за статистика, поддржана од Амбасадата на Шведска во Скопје, прерасна во силно и стратешко партнерство. Од лансирањето на Платформата за родови податоци до развојот на Профилот за родова еднаквост на земјата, партнерството го подобри достапноста, квалитетот и употребата на родовата статистика во различни сектори. Студиски посети, обуки и иницијативи насочени кон младите, како што се Буткампот за родови податоци, помогнаа да се зајакнат капацитетите и да се вклучат нови гласови во движењето за родова еднаквост.

Панел-дискусиите на настанот обединија експерти од Северна Македонија и од странство кои споделија научени лекции и разгледаа начини за унапредување на употребата на податоци при носење политики базирани на докази. Учесниците, исто така, дискутираа за тоа како да се затворат клучните празнини во податоците — особено во областа на неплатената грижа, родово базираното насилство, родовиот јаз во платите и недоволната застапеност на жените во политичкото раководство — додека земјата се приближува до остварување на Целите за одржлив развој и усогласување со стандардите на ЕУ.

Во своето обраќање, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова рече: „Да продолжиме да инвестираме во родовите статистики, да го зајакнеме меѓуинституционалниот дијалог, да изградиме систем на податоци кои не само што ќе информираат, туку и ќе трансформираат.

Да создадеме држава во која сите ќе бидеме свесни дека секој податок одразува нечиј живот, секоја бројка раскажува индивидуална вистинска човечка приказна, а трудот на секој човек без разлика на полот и родот треба да биде еднакво вреднуван, сечиј глас слушнат, без оглед дали е гласен или тивок.“  

Амбасадорката на Шведска во земјата, Ами Ларсон Џаин го изрази своето задоволство од напредокот што Северна Македонија го постигнува во областа на статистиката, особено родовата статистика, и ја истакна гордоста на Шведска што придонесува за овој напредок преку размена на експертиза и искуства.

„Родовата статистика е клучна за идентификување на разликите во животните искуства на жените и мажите. Без вакви податоци, може да креираме политики што одговараат само на половина од населението. Или уште полошо – со недоволно познавање на реалноста на граѓаните, политичките одлуки може дури и да ги поткопаат целите што сакаат да ги постигнат. Затоа, родовата статистика е неопходна за да се измери и следи реалноста на животот на жените и мажите, девојчињата и момчињата, и за точно идентификување и пружање соодветен одговор на нивните потреби и приоритети. Статистиката е факти, не чувства. И додека статистиката го опишува минатото, таа исто така ја објаснува и сегашноста и поставува темели за иднината. Родово сензитивната статистика игра фундаментална улога во мобилизирањето, фокусирањето и следењето на напорите за постигнување родова еднаквост, во согласност со амбицијата на Северна Македонија да се приклучи кон Европската Унија,“ рече амбасадорката Ларсон Џаин.

Директорот на ДЗС, Дејан Станков, истакна дека следната фаза од работата ќе биде насочена кон унапредување на родовата статистика во согласност со националните закони и политики. „Ќе продолжиме да соработуваме со нашите партнери за промовирање родови индикатори, јакнење на капацитетите на вработените и интегрирање на родовата перспектива во сите статистички извештаи. Овие 25 години се многу значајни бидејќи ја отсликуваат визијата на земјата за еднаквост по сите основи, и за жените и за мажите“, рече тој.

„Позади секоја бројка има личност. Затоа родовите статистики се повеќе од само бројка. Работиме на подобрување во сите сфери на животот на жената и градиме партнерства со заедничка визија и цели – да ги направиме родовите податоци не само достапни и разбирливи, туку и нивното значење да биде препознаено од сите, и од таму каде се креираат политики и носат одлуки, како и од целото општество кое ги валидира одлуките и нивното спроведување. 

Овие два дена славиме два јубилеја, 80 години од постоењето на македонскиот завод за статистика и 25 години родови податоци, истата година кога славиме 30 години од Пекиншката декларација и Платформата за акција”, рече раководителката на Канцеларијата на UN Women во Северна Македонија, Весна Ивановиќ-Кастаред.

Иако е постигнат значителен напредок, настанот заврши со заедничка заложба за понатамошно зајакнување на системите за родови податоци и партнерствата што ја поддржуваат земјата да биде порамноправна и инклузивна за сите.