Search

Интервју со Борис Георгиевски, грaдоначалник на Гази Баба

Интервју на 24 Инфо со Борис Георгиевски, градоначалник на општина Гази Баба: имаме услови не само за странски, туку и домашни инвеститори

Кои проекти од програмата ги отпочнавете, со почетокот на Вашиот мандат?

Најпрво сакам да кажам дека времето како што сум на функцијата е кратко и за ова кусо време почнавме неколку проекти кои во тековниот период ќе се реализираат. Уште на почетокот се зафативме со решавање на еден стар проблем со водоснабдувањето во населеното место Раштак. Таму успеавме да ја завршиме изградбата на високата зона, во 2018 имаме планирани средства и продолжуваме со изградба на долната зона. Заедно со градот Скопје организиравме голема акција за чистење на дивите депонии во општината. Чистевме на 14 локации низ општината, собравме повеќе од 400 тони отпад, но за жал по неколку дена на локациите повторно се појави нов отпад. Затоа повикувам граѓаните да имаат поголема свест за зачувување на животната средина и да ни помогнат нас како општина во таа борба. Што се однесува до инфраструктурата во зимскиот период извршивме целосно санирање на повеќе од десетина улици низ општината кој беа во кал и не проодни, денеска тие се исчистени, тампонирани и подготвени за асфалт.

Во новата 2018 година пак со буџетот планираме и ќе ја започнеме изградбата на детската градинка во Стајковци, но и разгледуваме можност за проширување на веќе постоечките градинки. Продолжуваме со редовното чистење на депониите и општината и ќе обезбедиме поголема финансиска поддршка и опрема на општинското Јавно комунално претпријатие. Спортскиот центар во Црешево ќе биде започнат во оваа 2018 година. Во населените места Триангла, Керамидница, Трубарево, Гоце Делчев, Јурумлери, Црешево, Смилковци и Виниче ќе се започне изградба на нова канализациона мрежа, додека пак на улиците Трајко Китанчев и Сава Михајлов во населеното место Јане Сандански, како и во населените места Инџиково и Економија нова атмосферска канализација. Нов примарен одводен колектор во должина од 51 км ќе се започне во населените места Трубарево, Гоце Делчев, Јурумлери, Нова Колонија, Идризово и Дрма. Во буџетот имаме планирано средства и за реконструкција на кујните во градинките и воведување на ХАСАП системот. Ќе обезбедиме поддршка на три Startup фирми односно најдобри бизнис планови.
Во делот на инфраструктурата пак ќе следи асфалтирање на повеќе од 20 улици. Со еден збор не очекува многу работа оваа година.

 

borce georgievski 1.jpg

 

 

Со кој проект планирате да ги вклучите  младите во општина Гази Баба, и дали предвидувате спортски клубови за развој на млади?

Младите се најважниот партнер на општината и ние максимално ги вклучуваме во работата на општината. Младите беа вклучени и во креирањето на буџетот за 2018 година, нивните предлози и проекти се составен дел од новиот буџет.

Поддршката од општината за најдобрите бизнис идеи е една од мерките со која ќе ги поддржиме младите. Дополнително со министерството за образование и бизнис секторот во општината планираме еден поинаков систем за практична настава за средношколците. Каде директно во фирмите на територија на општината ќе им биде овозможена и понудена пракса која на крајот би завршила со понуда за работа во тие компании на оние средношколци кој ќе се покажат за време на праксата.

Стипендиите и понатаму остануваат како награда за учениците да продолжат да го надоградуваат својот талент. Како доказ дека општината ги следи во нивниот развој и успех ќе бидеме ветар во грб на тие ученици.

Гази Баба е единствената општина каде училишниот спорт е развиен на еден одличен начин и во тоа продолжуваме и следната година. Општината целосно ќе даде поддршка во развојот на спортот, на спортските клубови и училишните лиги. Преку спортот создаваме здрава млада генерација.

Кога планирате да отпочнете со гасификацијата на општината?

Гасификацијата е најголемиот и најзначаен проект кој го имаме и во предизборната програма, но и програмата за работа на општината. Овој процес не е прашање кога планираме ние како Гази Баба да се гасифицираме, туку е малку по сложен проект каде опфаќа целосна гасификација на Македонија.

Што се донесува до општина Гази Баба, ние општините во градот Скопје веќе интензивно започнавме да работиме и подготвуваме проектите како да се изврши гасифицирањето на општината. Во Гази Баба веќе имаме формирано едно тело кое е составено од стручни лица кој работат на изготвување и подготовка на главен проект за гасификација на општината Гази Баба.

Очекувам веќе оваа година да започнеме со процесот на изведба на првата гасифиикациона мрежа.

Дали во 2018 година очекувате некои конкретни странски или домашни инвеститори, и во кој сектор?

Има секојдневен интерес од многу компании особено за новата индустриска зона која се наоѓа поред обиколницата во Хиподром. Тие доаѓаат ги гледаат можностите кои ги нудиме како општина во зоната и очекувам дека во иднина тие ќе донесат одлука да инвестираат во нашата земја, а како општина ќе не одберат нас за да ја изградат својата фабрика.

Ние како општина сме обврзани да во таа зона ги овозможиме сите комунални услови. Да обезбедиме водовод, канализациона мрежа, струја, како и патна инфраструктура. Тука за оваа зона планиран е и протокот на гас каде компаниите ќе можат да се приклучат на него. Така да во овој дел имаме идеални услови за инвестирање не само за странски инвеститори туку и за домашните инвеститори. За нас нема разлика секоја инвестиција е добре дојдена и секој е подеднакво важен.Сакам да споменам дека веќе имаме најави за две компании кои се заинтересирани за влез во оваа зона едната за производство на чоколадо, а другата за селектирање на отпад.

Со кои мерки ќе ги развиете селата, со цел да нема миграција од село во град? 

Најпрво морам да истакнам дека жалам што селата во општина Гази Баба се во многу очајна состојба особено во делот на инфраструктурата. Немаат вода, канализациона мрежа, лоша патна инфраструктура. Токму тоа е она што сакам приоритетно да го направиме. Веќе водоводот во Раштак го средуваме. Високата зона е завршена останува долната зона да ја завршиме во должина од 4 км. Комплетно ќе ја завршиме и водоводната мрежа во Булачани, додека пак во населените места Страчинци и Брњарци планираме оваа година да започнеме со подготовка на проектна документација како би можеле и таму проблемот со водоводната мрежа да го решиме.

Ние немаме некоја голема миграција во селата кој се во нашата општина, но подобрите услови за живот во селата ќе овозможат жителите таму и понатаму да продолжат да живеат без да имаат потреба да мигрираат на друго место.Покрај ова имаме голема можност и потенцијал за развој на селскиот туризам, кој исто така како општина заедно со жителите во тие места го планираме и работиме на негова реализација.

 

Вашата градоначалничка функција бара многу време и откажување од приватниот живот. Колку Ви преостанува слободно време за семејството и како најчесто го поминувате слободното време?

Функцијата сега што ја имам да бара голем ангажман, но тоа не претставува проблем. Јас сега немам некое фиксно работно време, со мојот тим во кабинетот работиме по 10-12 часа и преку викенди, но тоа од нас го бараат граѓаните и тука нема жалење.  Знаете градоначалник не сте до 16 часот туку 24 часа мора да сте достапен. Очекувањата кај луѓето со големи и немам ниту јас, ниту моите колеги право и можност да ги изневериме. Многу граѓани сакаат да дојдат до градоначалникот и да го кажат својот проблем, без разлика дали тоа воопшто е во наша надлежност. Тие не знаат, но сакаат да бидат чуени, јас сум тука за тоа, да ги слушнам да пробаме што може да направиме да се реши нивниот проблем. Во отворениот ден кој го имаме секој четврток, иако кај нас е приемен секој ден, но четврток е чисто наменет само за граѓаните досега биле околу 200 граѓани, за кои со мојот тим сме пробале да им излеземе во пресрет на нивните потреби. Некои се лутат зошто не се примени одма, зошто почекале за средба неколку дена, но знаете градоначалник е еден човек а 70000 граѓани, како и да е успеваме да го менаџираме добро тоа и да ги примиме сите оние кои сакаат да дојдат во општината. Сега започнуваме и еден друг концепт, поради големиот број на барања, секој последен четврток во месецот градоначалникот со администрацијата ќе организира голем отворен ден каде ќе може да дојдат многу повеќе граѓани.

Што се однесува до делот за приватниот живот јас сум истиот Борче кој бил и пред да е градоначалник. Се дружам со истите пријатели, седам во истите објекти како и претходно, не сум променил ништо ниту имам намера. Фала им на пријателите и роднините што имаат разбирање.

За семејството секогаш имам време. Тие се мојот мотив и извор на енергија. Главните критичари и поддржувачи без кои не можам. Затоа секој момент го користам да бидам со нив. Пешачењето и планинарењето по нашата преубава Скопска Црна Гора заедно со моето семејство е традиција која не се прекинува никогаш. 

 

 

 

 

 

Треба да знаете
Последни објави