Skip to main content
Македонија

Нови терапии влегуваат на позитивната листа

25/06/2026  14:58

Пациентите во Македонија наскоро ќе добијат пристап до нови лекови преку позитивната листа, најави директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски. Според него, проширувањето на листата треба да се реализира во текот на следниот месец и ќе опфати лекови кои се користат за спречување на згрутчување на крвта.

Меѓу терапиите што ќе станат достапни се Clexane, Fraxiparine и уште еден антикоагулант, кои се применуваат кај различни категории пациенти, особено по оперативни зафати и кај лица со зголемен ризик од тромбози и кардиоваскуларни компликации.

Клековски појасни дека овие лекови имаат широка примена кај пациенти кои закрепнуваат по сериозни хируршки интервенции, како и кај повозрасни лица со срцеви заболувања, каде постои ризик од формирање на згрутчувања.

Осврнувајќи се на употребата на антикоагулантите кај бремените жени, директорот на ФЗО најави дополнителни консултации со стручните служби на Клиниката за гинекологија и акушерство. Според него, потребно е подетално да се анализираат критериумите според кои одредени бремености се класифицираат како патолошки и врз основа на кои индикации се препишува терапијата.

Тој нагласи дека лекот Клексан не е наменет за рутинска употреба кај сите трудници, туку треба да се користи исклучиво кај пациентки со јасно утврдени медицински причини и ризици.

Во наредниот период, Фондот за здравствено осигурување ќе стави акцент и на контролата на потрошувачката на лекови што се издаваат на рецепт, откривањето евентуални злоупотреби и поефикасното управување со буџетот. Целта, според Клековски, е да се создадат услови за воведување на понови и посовремени терапии кои ќе бидат достапни за осигурениците преку јавниот здравствен систем.