
Иран соопшти дека извршил напади врз американски воени цели во Јордан, Бахреин и Кувајт, гаѓајќи радарски системи, воени бази, воени авиони и други објекти.
Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ) тврди дека при ракетен напад врз американската база во Јордан уништен е радарски систем за ракетна одбрана и борбен авион Ф-15, што бил во хангар. Според ИРГЦ, целта на операцијата била да се ослабне радарската покриеност на регионот и понатамошни напади со ракети и беспилотни летала.
Во исто време, јорданската армија соопшти дека пресретнала и неутрализирала пет ирански дронови.
Армијата на Иран наведе дека со дронови ја нападна американската воена база Шеик Иса во Бахреин, за која тврди дека е клучна база за Петтата флота на САД и центар на американските операции во регионот.
Во иранските напади со крстосувачки ракети погодена е и централната инфраструктура за обработка на податоци на „Амазон“ во Бахреин. Според ИРГЦ нападот е одговор на неодамнешните американски напади врз цивилната инфраструктура во Дарховина.
Иран, исто така, соопшти дека извршил „самоубиствени напади со беспилотни летала“ врз три американски воени објекти во Кувајт – Камп Арифџан, Камп Ал-Адири и Ахмед Ал-Џабер. Според иранската армија погодени се административни згради, радарски антени, паркинг за хеликоптери и сместување за војници.
Техеран соопшти дека офанзивата ќе продолжи сè додека САД не ги прекинат нападите врз Иран.


