
Новата законска рамка за сезонско, привремено и повремено ангажирање работници, нејзината практична примена и можностите што ги нуди дигиталната платформа беа во фокусот на денешниот настан „Сезонската работа – едноставно, брзо, законски и дигитално!“, организиран од АХК Северна Македонија, дел од мрежата на германските стопански комори во светот во соработка со Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ).
На настанот, претставници на институциите и бизнис заедницата разговараа за придобивките од реформата, поедноставените процедури за пријавување работници и искуствата од користењето на електронскиот систем.
„Формализацијата на сивата економија е една од највисоките стратешки определби на Владата и клучен сегмент од Реформската агенда, затоа што директно влијае врз економскиот раст, стабилноста на јавните финансии и заштитата на работниците. Со Законот воведовме пофлексибилен и поедноставен модел за легално ангажирање, со јасна правна рамка и електронски процедури за пријавување, одјавување и уплата на придонеси. Оваа реформа носи конкретни придобивки и за работниците и за работодавачите“, истакна Маријан Ристески, заменик-министер за економија и труд.
Во рамки на настанот беше презентирана електронската платформа и процесот на пријавување во четири чекори, а преку дискусии и практични примери беа отворени прашања поврзани со примената на новите законски решенија.
„За компаниите е важно законските решенија да бидат не само добро поставени, туку и практични, едноставни и применливи во секојдневното работење. Дигитализацијата може значително да го олесни ангажирањето сезонски работници, особено за компаниите кои во одредени периоди имаат потреба од дополнителна работна сила. Преку вакви настани сакаме да им помогнеме на компаниите подобро да ги разберат новите можности и да ги применуваат во пракса“, изјави Антје Ванделт, извршна директорка на АХК Северна Македонија.
Практичните искуства беа споделени и од претставници на инспекциските служби, винската индустрија и угостителскиот сектор, со посебен осврт за примената на електронскиот систем во секојдневното работење.
„Новото законско решение носи можност за излегување од сивата економија и поголема сигурност за многу работници во земјава. ГИЗ со гордост ја поддржа оваа реформа, која овозможува фер и безбеден пристап до пазарот на труд за сите, a особено за сезонските и повремените работници. Сметаме дека ова е значаен придонес кон посоцијално праведно и економски одржливо општество“, – изјави Александра Караевска Димовска, Советник во ГИЗ.
Примерот на Винарија Чифлик ја истакна важноста од едноставни и функционални механизми за ангажирање сезонски работници, особено во периодите на берба и зголемен обем на производствени активности, кога потребата од дополнителна работна сила е особено изразена.


