Search

Нова рунда преговори за името во Виена

Нова рунда преговори за името во Виена

Министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, денеска во Виена ќе имаат средба со медијаторот на Обединетите нации за спорот со името, Метју Нимиц.

„Средбата е дел од напорите на ОН за посредување меѓу двете земји за наоѓање заедничко прифатливо решение за прашањето за името“, соопшти прес-службата на ОН.

Коѕијас, пред оваа нова рунда преговори, минатиот петок, престојуваше во Скопје каде што оствари средба со Димитров, со премиерот Зоран Заев, со претседателот на Собранието, Талат Џафери и со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Христијан Мицкоски и Али Ахмети.

По средбата со Димитров, Коѕијас рече: „Веруваме во чесни договори, од кои во иднина двете страни ќе имаат придобивки. Да нема некој што ќе изгуби, а некој што ќе добие. Да има еден компромис“.

Шефот на грчката дипломатија, исто така, рече дека уставните промени се природни и, како што рече, грчкиот устав претрпел многу промени досега, дека се менуваат менталитетот и ставовите. Како што истакна, мора да се издвојат приоритетите на двете страни. „Не може едната страна да прифати сè што ќе предложи другата страна. Постојат компромиси, не можеш да наметнеш на никого како да се однесува“, посочи Коѕијас.

Димитров, пак, на седничката прес-конференција со Коѕијас, рече дека слеано име на македонски јазик и без превод не е најдобриот правец во разговорите.

„Сегашната референца Поранешна Југословенска Република Македонија го содржи името Република Македонија и тоа е преведено на шесте официјални јазици на ОН. Тешко е да му кажам на мојот народ дека слеано име со некаква одредница заедно со името Македонија во еден збор е добро решение“, рече Димитров.

 

 

Треба да знаете
Последни објави