
Народната банка на Србија (НБС) ѝ ја одзеде дозволата за работа на Алта банка АД Белград поради значително влошување на нејзината финансиска состојба и загрозување на интересите на депонентите.
Одлуката ја донел Извршниот одбор на НБС, а Агенцијата за осигурување депозити со судско решение ќе биде назначена за стечаен управник.
Според централната банка, на одземањето на дозволата му претходеле контролни активности насочени кон зголемување на ликвидноста на Алта банка. При контролите било утврдено дека финансиската состојба значително се влошила и дека постои ризик од дополнително влошување на финансиите или ликвидноста.
НБС соопшти дека мерката е донесена согласно Законот за банки, со цел да ги заштити депонентите и да ја зачува стабилноста на финансискиот систем.

Агенцијата за осигурување депозити во рок од седум работни дена ќе овозможи исплата на осигурените износи и располагање со средствата, согласно Законот за осигурување депозити. Во соопштението засега не се наведени банката преку која ќе се вршат исплатите и деталниот распоред за клиентите.

