
Немања Шаровиќ, претседател на опозициското движење „Љубов, вера, надеж“ и новинар на телевизијата КТВ од Зрењанин, бил физички нападнат додека известувал од денешниот митинг на Српската напредна партија (СНС) пред Народното собрание на Србија.
При известувањето за КТВ, Шаровиќ прво бил вербално нападнат, а потоа и физички, пренесува Нова.
Според сведочењето на екипата на КТВ, на нападот му претходеле повеќе навреди и закани, а во неколку наврати членови на СНС нападнале и други членови на новинарската екипа.
Во еден момент, според извештајот на КТВ, тие биле нападнати од група луѓе со зелени маркери – ознаки кои треба да ги идентификуваат чуварите одговорни за обезбедување мир и ред за време на собирот.
Телевизијата КТВ од Зрењанин е позната по емитување изјави на опозициски политичари и критичари на власта, а Немања Шаровиќ во јавноста е познат како долгогодишен опозициски политичар. Тој беше висок функционер на Српската радикална партија (СРС), а по конфликтот со раководството, ја напушти партијата и основаше сопствено политичко движење „Љубов, вера, надеж“, преку кое во последните години ја критикуваше владата на Александар Вучиќ и Српската напредна партија.
Инцидентот се случи пред големиот митинг за поддршка на Движењето за народот и државата, предводено од СНС, на кој вечерва треба да зборува српскиот претседател Александар Вучиќ.