Skip to main content
Свет

Над 300 случаи на ебола во Конго

02/06/2026  11:29

Бројот на потврдени случаи на ебола во Демократска Република Конго продолжува да расте, а здравствените власти предупредуваат дека епидемијата се шири во повеќе здравствени зони на истокот од земјата.

Според податоците објавени од здравствените власти, епидемијата ги зафатила провинциите Итури, Северен Киву и Јужен Киву, региони кои со години се соочуваат со безбедносни предизвици, вооружени групи и ограничен пристап до здравствена помош.

Најтешка е состојбата во провинцијата Итури, каде што е регистриран најголемиот дел од случаите. Здравствените тимови се обидуваат да ги идентификуваат заразените, да ги изолираат контактите и да го спречат натамошното ширење на вирусот, но процесот е отежнат од недовербата кај дел од населението и од ширењето дезинформации.

Здравствените власти предупредуваат дека отпорот кон мерките, гласините и недоволната доверба во медицинските тимови претставуваат сериозна пречка во борбата против епидемијата, особено во градовите Бунија и Низи, на североистокот од земјата.

И покрај тешката состојба, властите соопштија дека има и пациенти кои се излекувани и отпуштени од медицинскиот центар во Бунија, што здравствените работници го оценуваат како важен знак на надеж во услови на брзо ширење на болеста.

Генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус, ја заврши посетата на Конго, каде што се сретна со претседателот Феликс Чисекеди за да разговараат за одговорот на епидемијата предизвикана од сојот Бундибуџо.

Во Бунија е отворен нов центар за лекување со 60 кревети, а паралелно се спроведуваат и испитувања на вакцини. За овој сој на ебола сè уште нема одобрена вакцина или специфичен третман, што дополнително ја усложнува здравствената реакција.

Властите соопштија дека аеродромот во Бунија повторно е отворен за редовен сообраќај, по поставување дополнителни системи за здравствен надзор на патниците при пристигнување и заминување. Претходно, аеродромот беше затворен за сите летови, освен за хуманитарни мисии.

Повторното отворање на аеродромот треба да го олесни пристигнувањето на медицинска опрема, хуманитарна помош и тимови што работат на сузбивање на епидемијата.