Skip to main content
Македонија

Над 160 веб-страници за нелегално коцкање ќе бидат забранети, најави Андоновски

15/03/2025  15:44

Измените на Законот за електронски комуникации поминаа изминатата недела, потребни се седум дена да стапат на сила и да се објават во Службен весник, а веднаш потоа, Министерството за дигитална трансформација е подготвено да ја донесе методологијата со којашто ќе се забранат нелегалните онлјан приредувачи на среќа, најави денеска од Штип, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

Тој појасни дека постапката ќе биде по анализа на Државната лотарија, кои се оние нелегални приредувачи на игри на среќа и на министерството испраќаат нотификација, со табела на точна веб-страница, којашто треба да се забрани.

„Ние, таа ја ажурираме, ја испраќаме како налог за забрана до Агенцијата за електронски комуникации, којашто ја забранува преку телеком операторите. Што значи дека од испраќањето имаат рок од три до пет дена да постапи Агенцијата за електронски комуникации и телекомите и тие веб-страници ќе бидат забранети, какошто кажав и при носењето на законот оваа трка ќе биде постојана нема само еднаш да го правиме тоа, од прилика мислам дека темпото ќе биде две до три недели на почеток, што значи на две-три недели Државна лотарија ќе не известува за нови веб страници, коишто се појавувале, а ние со налог ќе ги забрануваме, се до финално завршување на процесот и да ги одвратиме граѓаните да се учесници во нелегално приредување на игри на среќа онлајн“, кажа Андоновски.

Министерот за дигитална трансформација смета дека на тој начин ќе ги заштитат граѓаните од злоупотреба на нивните лични податоци, картички, сметки во банките, но какошто рече „и ќе го заштитиме буџетот од излевање на средства, коишто би требало да се слеат, како даночна обврска кон буџетот на Македонија“.

Пред да се донесат законските измени за електронски комуникации, во кои е опфатено нелегалното електронско коцкање, направени се анализи. Според министерството за дигитална трансформација во тој период биле детектирани 160 веб страници на коишто нелегално се приредувале игри на среќа.

„Што значи во првиот бран ќе бидат повеќе од 160, но мислам дека и во секој нареден бран, како ќе забележува Државната лотарија и други заинтересирани странки забележуваат дека постојат нелегални приредувачи на игри на среќа онлајн во Македонија, тие можат да не информираат и ние веднаш ќе постапуваме“, изјави Андоновски.