Skip to main content
Македонија

Национален натпревар за најдобри ученички компании

07/05/2025  09:15

Во организација на „Џуниор Ачивмент Македонија“, денеска во Скопје ќе се организира Национален натпревар на ученички компании. Станува збор за еднодневен настан, на кој средношколци од цела земја ќе ги претстават своите бизнис-иницијативи и претприемачки идеи.

Според најавите од организаторите, на натпреварот ќе учествуваат повеќе од 70 ученици распоредени во 15 ученички компании, од 12 средни училишта од Берово, Битола, Богданци, Велес, Прилеп, Скопје и Струмица.

Во текот на настанот, учениците, предводени од наставник-ментор, имаат можност да покажат што изработиле во текот на учебната година на штандови.

Со сопствен штанд, име и лого на компанијата, секоја ученичка компанија ќе се обиде да ја воодушеви комисијата со својата бизнис идеја и да се бори за учество на европскиот натпревар кој се организира во рамките на мрежата на Џуниор Ачивмент.

Како што стои во соопштението, главната цел на програмата на „Џуниор Ачивмент“ за ученичка компанија е да им се пружи можност на младите лица да стекнат практично искуство во водење бизнис, да развијат финансиска писменост, да ги подобрат своите работни способности и да го поттикнат претприемачкиот дух. Преку тимска работа и дружење, учениците стекнуваат знаења и вештини кои ќе им бидат од корист во нивниот личен и професионален раст.

Натпреварот е поддржан од Агенцијата за поддршка на претприемништвото на Република Северна Македонија и приватни компании, а се спроведува од организацијата „Џуниор Ачивмент Македонија“ – член на светската мрежа Junior Achievement Worldwide, основана во 1919 година, денес присутна во повеќе од 120 земји. Оваа мрежа ги спроведува програмите за претприемачко образование и финансиска писменост, кои секоја година ги посетуваат повеќе од 10 милиони луѓе.