Skip to main content
Македонија

Национален младински форум „Тука сме за да останеме!”

21/05/2026  14:33

Денес се одржа Националниот младински форум „Тука сме за да останеме!”, кој создаде простор за директен дијалог меѓу млади луѓе од целата држава и претставници на институциите, меѓународните организации, локалната самоуправа, академската заедница и граѓанскиот сектор.

Форумот беше посветен на пет теми кои младите ги препознаваат како клучни за нивниот живот, развој и одлуката дали својата иднина ја гледаат во земјата: младинско учество и локално одлучување, култура и меѓукултурен дијалог, вработување и претприемништво, животна средина и одржливост, и творечко изразување.

Настанот се одржа во период кога официјалните податоци покажуваат сериозен застој во спроведувањето на обврските кон младите. Според Мониторинг-извештајот за имплементацијата на Законот за младинско учество и младински политики за 2025 година, објавен од Националниот младински совет на Македонија, локални младински совети постојат во само 24 општини, односно во 30% од вкупниот број општини, додека само 11 општини го одвоиле законски предвидениот минимум од 0,1% од буџетот за млади во 2025 година.

Дополнително, иако Законот за младинско учество и младински политики, донесен во 2020 година, предвидува формирање на Национално собрание на млади и Национално советодавно тело за младински политики, овие механизми сè уште не се воспоставени. Од вкупно 205 активности планирани со Акцискиот план за Националната стратегија за млади 2023–2025, само 23% се целосно реализирани30% се делумно реализирани, а за 26% нема достапни информации за статусот на реализација.

Овие податоци потврдуваат дека младинските политики не смеат да останат само на хартија. Потребни се функционални механизми, реални буџети, отчетни институции и директно вклучување на младите во одлуките што го обликуваат нивниот живот.

На форумот, претставниците на младинските организации, институциите, локалната самоуправа и академската заедница испратија заедничка порака: младите мора да бидат препознаени како активни носители на промени, а не само како тема во политики и извештаи.

„Младите во Северна Македонија предолго се сведени на статистика во извештаи, наместо на партнери во носењето одлуки. Форумот ‘Тука сме за да останеме!’ е обид тој однос конечно да се промени – создаваме простор каде младите директно ќе зборуваат за тоа што им недостасува, што ги оттурнува и што би ги задржало тука. Не ни требаат уште декларативни пораки за младите, туку институции што ќе имаат храброст навистина да ги слушнат и да споделат моќ со нив. Покажуваме дека јавните простори можеме да ги наполниме со млади луѓе и да им дадеме доверба дека одговорно ќе носат одлуки и ќе водат напред”, изјави Драгана Каровска Чемерска, раководителка на младинската програма во ХЕРА.

Албина Сефадини од НМСМ потенцираше дека наодите од овогодишниот мониторинг-извештај укажуваат на опаѓачки тренд во имплементацијата на законот, односно на намалување на бројот на младински механизми, политики и сервиси за млади.  „Потребна е многу поголема институционална посветеност и вистинска приоритизација на младите”, истакна Сефадини.

Од страна на институциите беше нагласено дека младите не треба да се гледаат како проблем, туку како дел од решението.

„Наместо да ги гледаме младите како проблем, треба да ги гледаме како решение. Мојата задача е да создадам услови во кои тие ќе сакаат и ќе можат да останат во сопствената земја,” изјави Фатмир Сабриу, државен секретар во Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани, порача дека младите се и сегашноста, не само иднината на државата. „Младите не се само нашата иднина, туку и нашата сегашност. Тие секојдневно покажуваат талент, посветеност и потенцијал на меѓународно ниво, а наша обврска како институции е да создадеме реални можности за нивниот развој, учество и претставување овде, во сопствената држава. Во Гостивар остануваме посветени на оваа цел преку локални младински политики, младински центри и директна поддршка за младите. Верувам дека само преку вистинска соработка помеѓу институциите, организациите и младите можеме да изградиме одржливи и ефикасни младински политики” изјави Лимани.

Борис Шамбевски, советник во Град Скопје, нагласи дека локалните самоуправи имаат важна улога во отворањето простор за младинско учество. „Поттикнувањето на младите луѓе да се вклучат во креирањето на градските политики и да ги споделуваат своите идеи за насоката во која треба да се развива еден град е од исклучителна важност за секоја локална самоуправа” изјави Шамбевски.

Форумот покажа дека младите имаат јасни ставови, конкретни потреби и силна волја да учествуваат во градењето на општеството. Но, нивното учество мора да биде поддржано со функционални институционални механизми, локални младински совети, младински центри, реални буџети и политики што се креираат заедно со младите, а не само во нивно име.

Пораката од форумот беше јасна: младите се тука, имаат што да кажат и бараат систем што ќе им даде причина да останат.

Форумот го организираше ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, во партнерство со Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), во соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади и Природно математичкиот факултет при УКИМ и со поддршка на RYCO – Регионалната канцеларија за младинска соработка преку германската развојна соработка, во рамки на проектот Youth Connect: Building Inclusive Participation Through Local Partnerships.