Skip to main content
Македонија

На 9 октомври Мицкоски пред Суд по тужбата на поранешната обвинителка Ленче Ристоска

15/06/2026  22:53

Граѓанскиот суд во Скопје ќе му испрати покана на премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да се појави на рочиштето закажано за 9 октомври, каде ќе треба да даде исказ како законски застапник на партијата во постапката што ја покрена поранешната обвинителка Ленче Ристоска.

Одлуката била донесена на подготвителното рочиште од страна на судијката Љубица Колиќ, која го прифатила барањето на адвокатот на Ристоска, Лазе Сандев, Мицкоски да биде сослушан како странка во постапката, бидејќи во моментов е законски застапник на ВМРО-ДПМНЕ.

Тужбата произлегува од партиско соопштение објавено во октомври 2025 година, во кое Ристоска беше критикувана за нејзината работа како обвинителка и беше обвинета дека примала бонуси во период кога, според партијата, „државата се гушела во неправда“. Поранешната обвинителка смета дека соопштението содржи навредливи и клеветнички тврдења кои директно го нарушиле нејзиниот углед и професионален интегритет.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, во одговорот на тужбата наведуваат дека станува збор за политички говор и отворање јавна дебата за работењето на поранешното Специјално јавно обвинителство и исплатата на бонусите, а не за личен напад врз Ристоска. Според партијата, соопштението било насочено кон институцијата и нејзиното работење, а не кон обвинителката како физичко лице.

Спротивно на тоа, адвокатот Сандев пред Судот оцени дека содржината на соопштението е јасно индивидуализирана и насочена токму кон Ристоска, со цел да се дискредитира нејзината работа на предметите „Талир 1“ и „Талир 2“, во кои обвинета е и ВМРО-ДПМНЕ како правно лице. Тој посочи дека во текстот се изнесени фактички тврдења кои не биле поткрепени со докази и претставуваат навреда и клевета.

Ристоска со тужбата бара вкупно 300.000 денари надомест на нематеријална штета, односно по 150.000 денари за навреда и за клевета.

Инаку, поранешната обвинителка во април годинава поднесе оставка од функцијата јавен обвинител, наведувајќи дека била изложена на долгогодишни притисоци, опструкции и одземање на предметите на кои работела, меѓу кои и случаите „Талир 1“ и „Талир 2“. Претходно, таа јавно побара извинување и од премиерот Христијан Мицкоски поради, како што наведе, навредливи и неосновани квалификации изнесени на нејзина сметка.