
На 103-годишна возраст почина д-р Никола Стојановски, првиот претседавач на повеќепартиското Собрание на Македонија, еден од последните живи учесници во Народноослободителната борба (НОБ) и долгогодишен претседател и почесен претседател на Сојузот на борците на Македонија.
Стојановски ќе остане запаметен како човек кој имаше значајна улога во еден од најважните моменти од современата македонска историја. Како највозрасен пратеник во првиот повеќепартиски парламентарен состав, тој претседаваше со конститутивната седница на Собранието одржана на 8 јануари 1991 година, сè до изборот на Стојан Андов за претседател на законодавниот дом.
Покрај политичкиот и општествениот ангажман, д-р Стојановски остави длабока трага и во здравството. Роден е на 8 февруари 1923 година во велешкото село Скачинци. Дипломирал на Медицинскиот факултет во Белград во 1952 година, а шест години подоцна ја завршил специјализацијата по педијатрија во Загреб.
Целиот свој работен век го посветил на медицината. Работел како лекар и педијатар, а дел од кариерата бил и директор на Велешката болница. Меѓу граѓаните на Велес останува запаметен како исклучителен професионалец, хуман лекар и човек кој секогаш им бил посветен на своите пациенти.
Неговиот живот бил обележан и со активното учество во антифашистичката борба. Како млад гимназијалец бил дел од штрајкот на велешките ученици во март 1942 година, организиран во знак на протест против воведувањето на бугарскиот јазик во наставата, а подоцна станал учесник во Народноослободителната борба.
Со децении беше еден од најистакнатите претставници на Сојузот на борците, каде како претседател на Главниот одбор, а потоа и како почесен претседател, се залагаше за зачувување на антифашистичките вредности и историската меморија.
И во поодминатите години остана активен во јавниот живот, редовно присуствувајќи на државни одбележувања, комеморации и историски настани, сведочејќи за периодот во кој се поставуваа темелите на современата македонска држава.
За својот повеќедецениски придонес како лекар, борец и општествен деец беше добитник на бројни државни и општествени признанија.
Со неговата смрт Македонија загуби еден од последните сведоци на НОБ, истакнат лекар и човек кој остави значаен белег во здравството, општествениот живот и парламентарната историја на државата.


