Skip to main content
Македонија

МЗ: Првпат се регулираат сите никотински производи со новиот предлог-закон за заштита од пушењето

20/01/2026  15:17

Новиот предлог-закон за заштита од пушењето предвидува регулирање на сите никотински производи, вклучувајќи цигари, електронски цигари (со и без никотин), загреани тутунски производи, бездимни никотински производи, како и производи што го имитираат пушењето, соопшти Министерството за здравство.

Целта е, како што се посочува, да се регулира употребата и на новите никотински производи, имајќи предвид дека тие создаваат чад или аеросол со штетни материи, а според последните истражувања овие производи често полесно создаваат зависност.

Исто така, предвидена е забрана за производство, увоз и продажба на никотински производи со: овошни, слатки, ментол, билни и други вкусови, за кои се смета дека ја олеснуваат првата употреба и ја забрзуваат зависноста. Ова претставува една од најсилните превентивни мерки и во европските земји, информираат од Министерството.

-Примарна цел на овој сегмент од законот е заштита на здравјето на младото население, за кое најновите истражувања покажуваат дека меѓу учениците на возраст од 13 до 15 години вкупно девет отсто моментално користат електронски цигари, додека 4,9 отсто од учениците моментално користат тутунски производи кои се загреваат, а 10,6 отсто пријавиле дека некогаш ги користеле – појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.