
Вкупно 18 возачи биле лишени од слобода во засилените сообраќајни контроли што полициските службеници ги спровеле во текот на изминатото деноноќие поради безобѕирно управување со моторно возило.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека најголемиот дел од приведените, односно 15 лица, управувале возила без да поседуваат возачка дозвола. Меѓу нив имало и двајца малолетници.
Најмногу приведени се евидентирани во Гостивар, каде што биле лишени од слобода пет лица, од кои едно е малолетно, а едно претходно било учесник во сообраќајна незгода.
Во Скопје полицијата привела четири лица, во Кичево две лица, од кои едното е малолетник, а по едно лице биле лишени од слобода во тетовскиот регион, Кривогаштани, Прилеп и Битола.
Покрај овие случаи, во Делчево е приведен возач кој управувал возило под дејство на алкохол, додека во Кичево и Кавадарци биле затекнати по едно лице кои седнале зад волан и покрај изречената забрана за управување со моторно возило.
Од МВР најавуваат дека по целосното документирање на случаите против сите сторители ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Воедно, полицијата повторно апелира до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила, да не управуваат возило без возачка дозвола, да не седнуваат зад волан доколку им е изречена забрана за управување и да не возат под дејство на алкохол, со цел да се зголеми безбедноста на патиштата.

