
Тешка сообраќајна несреќа се случила на патниот правец Штип-Пробиштип, каде што две патнички возила директно се судриле, откако едното од нив во обид да избегне пламени наноси од пожар преминало на спротивната сообраќајна лента.
Според првичните информации, возилото кое се движело во правец кон Штип, избегнувајќи го огнот покрај коловозот, навлегло во спротивната лента и директно удрило во друго возило кое се движело од спротивниот правец.
Во несреќата се повредени повеќе лица, кои веднаш биле пренесени во болница за укажување лекарска помош. Засега не се соопштува точниот број на повредени, ниту тежината на нивните повреди.
Дополнително, неколку лица побарале медицинска помош поради вдишување чад од пожарите кои беснеат во регионот.
Во меѓувреме, на терен се регистрирани и нови жаришта на пожари во селата Ратавица и Неокази, како и на местото викано Глобица, што дополнително ја усложнува состојбата во источниот дел на земјата.
Надлежните служби се на терен и работат на локализирање на пожарите и расчистување на последиците од сообраќајната несреќа.


