
Монах, кој не се чувствувал добро и бил преземен од возило на брзата помош, за време на транспортот од Урануполи на Халкидик кон болницата во Полигирос скокнал од возилото, паднал и се повредил, објави грчката државна телевизија ЕРТ, јави дописничката на МИА од Атина.

Инцидентот се случил вчера кога 48-годишниот монах, српски државјанин, од засега непознати причини го одврзал појасот и скокнал од амбулантното возило додека било во движење, при што добил повреда на главата, потоа бил вратен во брзата помош и пренесен во болницата во Полигирос.
Во возилото, како што објави ЕРТ, имало спасувач и возач, кои веднаш го запреле возилото, но и биле приведени под сомнение за нанесување телесна повреда од небрежност, но подоцна биле пуштени на слобода.
Повредениот монах бил хоспитализиран и приклучен на апарати, а подоцна од Халкидик бил префрлен во болница во Солун.


