Skip to main content
Економија

Митреска: Монетарната политика на Народната банка ја поддржува ценовната стабилност во економијата

16/01/2026  09:20

Поставеноста на монетарната политика на Народната банка има за цел да овозможи натамошно одржливо стабилизирање на инфлацијата и стабилни инфлациски очекувања. Во услови на присутна неизвесност, монетарната политика останува внимателна, а Народната банка е подготвена, доколку е потребно, да ги употреби сите расположливи инструменти за зачувување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и за обезбедување на ценовната стабилност. Ова го истакна вицегувернерката Ана Митреска во рамките на панел-дискусија на Форумот на Централна и Источна Европа, во организација на „Фајненшал тајмс”.

„Иако беше започнат процес на нормализација на основната каматна стапка, тој запре во февруари минатата година, по што дополнително беше зајакнат претпазливиот монетарен пристап преку инструментот задолжителна резерва и преку примена на макропрудентни мерки, со цел поефикасно утврдување на инфлациските очекувања”, посочи Митреска, нагласувајќи дека Народната банка и понатаму ќе пристапува внимателно при носењето на монетарните одлуки, со цел обезбедување одржлива макроекономска и финансиска стабилност. Се очекува ваквата поставеност да обезбеди понатамошно намалување на домашната инфлација.

Форумот на Централна и Источна Европа претставува еден од најзначајните и најреномираните годишни настани во областа на финансиите, на кој традиционално учествуваат високи претставници на централните банки, министри за финансии, раководители на финансиски институции и меѓународни инвеститори.