Skip to main content
Македонија

Мицкоски: Во инфраструктурата имаме големи инвестиции, експресниот пат Градско-Фариш ќе се пушти набрзо од денес

08/01/2025  14:13

„Што се однесува до пуштање во употреба на експресниот пат којшто ќе ги поврзува Градско, најпрвин Фариш, а потоа Клисура Дреново, тоа е во вкупна должина од отприлика 25 километри ќе биде набрзо од денес. Таму ќе се движат, по тој експресен пат, возилата со брзина од 130 километри на час”, посочи премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.

„Сега ја пуштаме делницата од Градско до Фариш. Има мало свлечиште коешто очекувам да биде санирано. Пуштањето, мислам дека ќе биде на 14-ти овој месец, тоа би се рекло за шест дена од денес. Со што драматично ќе се намали времетраењето на патување до Прилеп и Битола и тој дел на Македонија. Исто така, продолжуваат и активностите на автопатот помеѓу Прилеп и Битола, очекувам во рок од три години да биде и тој завршен. Има една карпа којашто претставува опасност за возилата и патниците во делот на потегот Дреново, кај Фариш, Клисура Дреново и таа ќе се санира. Очекувам и тој дел да биде пуштен во март, со што би се заокружиле овие 25 километри”, истакна претседателот на Владата Мицкоски.

Тој посочи дека покрај експресниот пат којшто ги поврзува Чатал-Длабочица-Крива Паланка, односно Страцин-Крива Паланка од 25 километри, и која е пуштена неодамна во употреба некаде на 17-ти јануари ќе се пушти во употреба првата делница од пругата кон Бугарија, Куманово -Бељаковце.

„Така што, сето она коешто стоеше, сега полека се задвижува. Течат инфраструктурните активности на Коридорот 8 и 10Д. Очекувам пред да почне туристичката сезона, втора половина на мај, прва половина на јуни, да ја пуштиме делницата од Врбјани до Охрид, со исклучок на делот кај местото Ботун. Тука имаме мало свлечиште коешто треба да се санира, и до крајот на 2026 да го пуштиме целиот потег на автопатот Кичево-Охрид. Очекувам да биде распишан тендерот Букојчани-Кичево со што и тука би се поврзале овие два коридора. Очекувам после адаптацијата, конечно да имаме успешно наддавање Блаце-Скопје, проектирање на тунелот Тетово-Призрен и така натаму и така натаму”, истакна премиерот Мицкоски.

„Очекувам да биде завршено, како и проектирањето Куманово-Страцин, обиколница Битола, граничен премин Меџитлија. Сето ова се проекти коишто се во процес на или проектирање или изградба и завршување”, подвлече претседателот на Владата, Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа кога ќе биде готов патот Градско-Прилеп.