Skip to main content
Македонија

Мицкоски и Пленковиќ потпишаа Договор за стратешка соработка меѓу двете земји

26/05/2026  14:03

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски и неговиот хрватски колега Андреј Пленковиќ денеска потпишаа договор за стратешка соработка помеѓу двете земји што претставува нова етапа во билатералните односи. Исто така, беше потпишан и договор за соработка меѓу Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини и хрватското Министерство за економија. 

На прес-конференција по потпишувањето на договорите Мицкоски и Пленковиќ истакнаа дека со нив се продлабочуваат и онака добрите и пријателски односи меѓу двете земји, а Хрватска која како е исто така дел на НАТО, како и земја-членка на ЕУ, останува еден од нашите главни партнери во евроинтеграцискиот процес. 

– Особено сме задоволни што ја подигнуваме нашата соработка на повисоко ниво преку потпишување на Договорот за стратешка соработка помеѓу двете влади. Овој договор е повеќе од диполоматски акт. Тој претставува рамка за долгорочно партнерство и јасна стратешка определба за продлабочување на нашите односи во области кои се од суштинско значење за иднината на двете држави, рече Мицкоски.

Со Договорот што денеска се потпиша ќе се овозможи уште поинтензивна соработка во повеќе стратешки сектори, како транспортот, енергетиката, ИКТ, индустријата, производството, здравството, образованието, јавната безбедност, цивилната заштита, одбраната, сајбер безбедноста и управувањето со границите.

– Посебно позначајно е што договорот отвора простор за подлабока поврзаност помеѓу институциите, компаниите, инвеститорите, академската заедница, граѓанскиот сектор и експертските заедници на двете земји, рече, меѓу другото Мицкоски.