
Битолскиот бизнисмен Борче Марковски, еден од обвинетите во случајот поврзан со РЕК „Битола“, не е во бегство, туку престојува во Србија поради деловни обврски и в сабота треба да се врати во Македонија, тврди неговиот адвокат Марјан Николоски во изјава за „Сакам да кажам“.
Николоски вели дека Марковски денеска и утре има работни состаноци во Србија, каде што поседува фирма, а токму деловните обврски биле причината одбраната да побара враќање на неговиот пасош.
„Сабота околу пладне ќе биде во Македонија. Не станува збор за бегање, тоа нема апсолутна врска со вистината. Легално ја помина границата оти бизнисот во Србија му е сериозен и мора да функционира. Ако е осомничен, не значи дека треба да ги затвори сите фирми“, вели Николоски.
Според адвокатот, Марковски оставил и сериозна гаранција пред судот, а неговото заминување во Србија е легално.
Марковски вчера бил задржан на граничниот премин „Табановце“, но по извршените проверки му било дозволено да ја напушти државата, бидејќи против него немало активна мерка што би го спречила да ја премине границата.
Претседателот на Основниот суд Струга во заминување, Вулнет Винца, потврди дека тричлен кривичен совет донел одлука да му биде вратен пасошот на Марковски. Според Винца, пред донесувањето на одлуката судот добил позитивно мислење од Обвинителството.
„Имаме закажано рочиште на 2 септември. Ако не се врати, ќе му се суди во отсуство и ќе се одземе имотот“, изјави Винца.
Од Обвинителството, пак, појаснија дека надлежниот обвинител од ОЈО Струга на 15 јуни првично дал негативно мислење за барањето на одбраната за укинување на дополнителните мерки за претпазливост. По новото барање на одбраната, предметот бил рефериран во Вишото јавно обвинителство Битола.
Оттаму бил донесен заклучок со кој понискиот јавен обвинител бил задолжен да даде позитивно мислење за враќање на привремено одземената патна исправа.
Образложението било дека со определената гаранција се исклучени околностите што би укажувале на опасност од бегство, а биле прифатени и аргументите на одбраната дека Марковски поседува фирма во Србија чие работење може да претрпи сериозна штета доколку тој не отпатува за да потпише потребна документација.
Од Обвинителството нагласуваат дека сите аспекти на одлуката ќе бидат испитани, но дека во моментов Марковски не може да се смета дека е во бегство и има обврска да се јавува пред судот.
Марковски и уште седум лица се обвинети во предмет поврзан со јавна набавка за дислокација на погонски станици од ТЕЦ „Осломеј“ во РЕК „Битола“. Според случајот, бил склучен договор вреден околу 1,7 милиони евра, а компанијата на Марковски ги демонтирала машините од Кичево и ги пренела во Битола, каде што останале немонтирани во кругот на РЕК „Битола“.
Постапката првично започна пред Основниот суд во Битола, но потоа беше префрлена во Основниот суд во Струга. Рочиштето закажано за 24 јуни беше одложено, а новиот обид за почеток на судењето е закажан за 2 септември.

