
Двајца од седумте пациенти со потврдена западнонилска треска, кои се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести во Скопје, се во критична состојба и се приклучени на механичка вентилација, информира директорот на Клиниката, д-р Фадил Цана.
Станува збор за пациенти на возраст од 76 и 66 години, кои се лекуваат на Одделот за интензивна нега.
„Двајца од седумте пациенти хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести со потврдена западнонилска треска се во критична состојба и се на механичка вентилација“, изјави Цана.
Истовремено, постои сомнение за уште три случаи. Тројца пациенти се примени со акутно воспаление на мозокот и мозочната обвивка, а се чекаат лабораториските резултати од Институтот за јавно здравје кои треба да покажат дали и тие се заразени со вирусот Западен Нил.
Според Цана, сите седум пациенти кај кои досега е потврдена инфекцијата се од неколку скопски населби. Само еден од нив неодамна престојувал во Грција. И тројцата пациенти за кои во моментов се чекаат резултати се од Скопје.
Особено тешка е состојбата на 66-годишниот пациент, кој бил примен на Клиниката на 26 јули. По влошување на неговата здравствена состојба, тој бил интубиран и ставен на механичка вентилација. Според директорот, пациентот не патувал надвор од земјата и има повеќе придружни заболувања.
Во услови на регистрирани случаи, продолжуваат и активностите за сузбивање на комарците. Во Скопје утрово, во раните утрински часови, беше спроведена десеттата фаза од дезинсекцијата против возрасни форми на комарци.
Мерки се преземаат и во други општини. Општина Брвеница најави теристичка адултицидна дезинсекција против комарци на целата своја територија на 30 и 31 јули, додека прскање против комарци деновиве беше спроведено и во Пробиштип.


