Skip to main content
Македонија

Левица: Дали ДПМНЕ чека јавниот револт за Законот за заштита на жените од насилство да падне во заборав

27/11/2026  10:36

Соопштение на Левица:

Изјавите на спикерот Гаши и владината портпаролка, а воедно и претседателка на Унијата на жени на ДПМНЕ – Митева, само уште еднаш потврдија дека зад игнорирањето, префрлањето одговорност и изговорите, всушност се крие намера за купување време со надеж дека ќе стивне јавниот револт и законските измени ќе потонат во колективниот заборав. 

Три месеци “мудро” молчеа, а сега, притиснати од јавноста, прибегнуваат кон процедурални изговори чија неоснованост ја разобличуваат токму деловниците по кои се должни да работат.

Првиот изговор, пласиран од Гаши, дека се чека мислење од Владата, го демантира токму Деловникот на Собранието. Членот 145 став 2 недвосмислено предвидува разгледување на предлог-законите и БЕЗ мислење од Владата. Впрочем, досегашната практика во многу наврати досега покажува дека законодавниот дом не ни чека мислења од Владата.

Инаку, дури и скорешните измени на Кривичниот законик по скратена постапка беа донесени без мислење од Владата.

Вториот изговор, пласиран од Митева, дека предлогот треба да помине низ повеќе институционални инстанци, го демантира Деловникот за работа на самата Влада, кој согласно членот 81 став 2 предвидува рок од 15 дена за доставување мислење, а тој рок е веќе одамна истечен! Дотолку повеќе што во подготовката на овие законски измени учествувало токму МВР на Панче Тошковски. Што, всушност, треба да открие Владата во текстот во чие составување учествувале нејзините министерства? Или јавноста треба да поверува дека административниот апарат на ДПМНЕ три месеци се запознава со текстот на Законот?