
Соопштение за јавност на ЛДП:
Изјавата на премиерот дека прославите и скапите концерти низ државата ја чинеле власта „нула денари” бидејќи биле платени од „општествено одговорни компании” не е вест за домаќинско работење, туку официјално признание за приватизација на државата. Либерално-демократската партија (ЛДП) алармира дека кога приватниот капитал тајно ги финансира државните манифестации и владината ПР-пропаганда, тоа не е филантропија, туку авансна уплата за идни привилегии, тендери и институционална заштита. Ова не е домаќинско владеење, ова е замена за класичен рекет — систем каде што приватни моќници го купуваат мирот и наклонетоста на Владата, додека граѓаните подоцна ја плаќаат сметката преку монополи и високи цени. Обвинуваа за рекет, сега гледаме маскиран и јавно признат „Рекет на стероиди”!
Залудно власта се обидува да ја замачка јавноста со фразата за „нула денари”. Прво, тие исти компании утре ќе искористат даночни олеснувања за овие спонзорства, со што државниот буџет директно ќе изгуби милионски суми од данок на добивка — што значи дека граѓаните ПАК ја плаќаат сметката! Второ, ако сѐ било приватна донација, зошто Владата ја задолжуваше Државната лотарија уште во април да распишува јавни огласи за уметници од „светска А-класа” и зошто владини портпароли од официјални говорници најавуваа приватни концерти?
Ете зошто се промовираат монополи во авиосообраќајот и бизнисот. Ете зошто Владата свесно го одбива предлогот на ЛДП за намалување и ограничување на банкарските провизии. Оваа соголена спрега меѓу власта и корпорациите директно го објаснува однесувањето на Владата кон граѓаните. Наместо да им ги намали трошоците на граѓаните, Владата ги штити интересите на банките и олигарсите, за тие за возврат да ѝ ги финансираат сценографиите, забавите и политичкиот маркетинг.
Ваквиот нетранспарентен систем е директно спротивен на сите европски стандарди за владеење на правото и спречување судир на интереси. На Македонија ѝ се потребни Европската Унија и нејзините строги механизми токму за ваквата коруптивна спрега конечно да може правно да се гони. Затоа власта бега од нов Кривичен законик по урнек на ЕУ и бара изговори за да нема реална правна заштита.
ЛДП бара итно објавување на сите договори, спонзори и финансиски текови за одржаните манифестации на сите таканаречени „општествено одговорни компании”. Граѓаните имаат право да знаат кој ја платил државната сценографија, за утре, кога истите тие компании ќе добиваат државни тендери или лиценци, да не се чудиме зашто системот е корумпиран.
Бараме да се активира и Државната комисија за спречување на корупцијата и да направи целосно испитување на овие донации и потенцијалниот судир на интереси!


