
Случајот со „Алта банка“ може да се одрази врз довербата во македонскиот банкарски систем, предупреди економскиот аналитичар Славко Лазовски во „Ноќно студио“ на 4ТВ. Според него, случувањата во Србија и работењето на банката во Македонија отвораат прашања за банкарскиот надзор и за одговорноста на надлежните институции.
„Оваа афера има широко влијание и врз монетарната власт и врз банкарскиот систем. Не е локален проблем. Проблемот со Алта банка добива европски димензии“, изјави Лазовски.
Тој рече дека со развојот на настаните ја променил и својата првична проценка за сериозноста на случајот.
„На почетокот не бев свесен што сè може да произлезе од овој проблем, што сè стои зад него. Сега се гледа дека станува збор за многу сериозен проблем“, рече Лазовски.
Аналитичарот посочи дека Народната банка располага со механизми за супервизија и оцени дека враќањето на довербата во финансискиот систем треба да биде приоритет за институциите. Според него, последиците може да ги почувствуваат и фирмите и граѓаните надвор од кругот на депонентите на „Алта банка“, бидејќи стабилноста на банкарскиот сектор влијае врз економската активност и инвестициската клима.
„Банкарскиот сектор е водечки сектор и без доверба во него не можеме да се надеваме на економски развој и раст“, нагласи Лазовски.


