Убедливо најпопуларната манифестација во Македонија, Златна бубамара на популарноста, оваа година ќе се одржи на 19-ти февруари во арената „Борис Трајковски“. Иако картите официјално беа пуштени уште пред две недели, денес е пуштена во продажба нова тура на билети, информираат од организацијата на настанот, затоа побрзајте и купете си билет навреме, додека има.
Под мотото „Вештачка интелигенција за владата – природна забава за народот“, омилената манифестација со големо задоволство и употреба исклучиво на природна интелигенција и изворен талент, ќе се потруди да ја ,,апгрејтне” публиката со убавина, смеа и задоволства кои може да ни ги овозможат најпопуларните уметници и општонародни миленици.
Додека се подготвуваме да ги трошиме парите од најновиот унгарски кредит, Златна бубамара ќе ни овозможи да бидеме ЕМ РАСПОЛОЖЕНИ – ЕМ ЗАДОЛЖЕНИ!
Со мали букви, како и во секое упатство, е напишано тоа што во овој момент најмногу не интересира – жирант за добрата забава е Радио Бубамара.
Секое издание во изминатите 27 години се памети и прераскажува со денови, а потоа и со години. Дека Златна бубамара е вистинска архива за нашата култура се уверуваме и деновиве при секое репостирање на „ѕвездените моменти“ од досегашните изданија на манифестацијата, на кои публиката со радост си спомнува и ги коментира.
Од организацијата на Златната бубамара на популарноста најавуваат уште еден незаборавен спектакл – оваа година во траење од само 3 часа.
За тие што не знаат, се уште има шанси да дојдете до билети.
Пуштени се во он-лајн продажба на https://mktickets.mk/ или во традиционална продажба во цвеќарницата „Розе Веро 2 – Тафталиџе, известуваат организаторите.