
Европскиот суд за човекови права во Стразбур донесе одлука со која потврди дека македонските институции имале право да ги поништат помилувањата што во 2016 година ги додели тогашниот претседател Ѓорге Иванов на лица опфатени со истрагите на поранешното Специјално јавно обвинителство.
Според денеска објавената пресуда, судот едногласно утврдил дека не е прекршено правото на фер судење на подносителите на барањето, и покрај законските измени со кои беше овозможено повлекување на претседателските помилувања и продолжување на кривичните постапки.
Во образложението на одлуката се наведува дека државата имала легитимно право да интервенира и да ги поништи аболициите, имајќи предвид дека тие биле донесени во услови на длабока политичка криза и без соодветна законска основа.
„Немало повреда на член 6 став 1 од Европската конвенција за човекови права, кој се однесува на правото на фер судење, поради законодавната интервенција со која беше овозможено поништување на претседателските помилувања и продолжување на кривичните постапки“, се наведува во одлуката на Судот.
Случајот се однесува на контроверзната одлука на Иванов од 12 април 2016 година, кога беа потпишани повеќе од 100 решенија за помилување на политичари и функционери кои беа предмет на истраги на поранешното Специјално јавно обвинителство. Одлуката тогаш предизвика силни реакции во јавноста и масовни протести, по што дел од аболициите беа повлечени, а подоцна и законски поништени.
Со најновата пресуда од Стразбур, Европскиот суд практично потврди дека поништувањето на аболициите било во согласност со принципите на правната држава и не претставувало повреда на основните човекови права на лицата опфатени со постапките.


