
Кинескиот производител BYD го задржа првото место на светскиот пазар на целосно електрични возила и приклучни хибриди во првите шест месеци од 2026 година. Компанијата продаде 1.291.185 возила, додека Tesla беше втора со 838.155. Кај поединечните модели, првото место му припадна на Tesla Model Y со 579.745 продадени примероци, покажуваат податоците на evcount Research.
Од јануари до јуни во светот биле продадени 9.907.442 целосно електрични возила и приклучни хибриди, што е за 5,5 отсто повеќе од истиот период во 2025 година. Најсилен месец во полугодието бил јуни, кога продажбата надминала 2,1 милион возила и пораснала за 10,9 отсто на годишно ниво.
Европа била главниот двигател на растот меѓу големите пазари, со 2,53 милиони продадени возила, или 29 отсто повеќе од една година претходно. Во Кина продажбата се намалила за 9,5 отсто, на 5,31 милиони возила. И покрај падот, Кина останала најголемиот пазар, со 53,6 отсто од светската продажба. Во Северна Америка биле продадени околу 681 илјада возила, што е пад од 20,5 отсто.
BYD бил единствениот производител што надминал еден милион продадени возила во оваа категорија. Зад BYD и Tesla се пласирале Geely со 493.584, Changan со 394.468 и Leapmotor со 324.162 продадени возила.
Tesla ги зазела првите две места во рангирањето по модели. Зад Model Y се пласирал Model 3 со 229.913 продадени примероци, а трет бил Geely Star Wish со 224.830.
Според анализата, која опфаќа 84 пазари, целосно електричните возила учествувале со 71,7 отсто во вкупната продажба во оваа категорија, а приклучните хибриди со 28,3 отсто.


