
Министерот за здравство Сашо Клековски апелираше да нема „слободни јавачи на епидемијата“ во јавниот простор, посочувајќи дека за состојбата во Гостивар треба да зборуваат стручни лица од областа на епидемиологијата и инфектологијата, а граѓаните да ги следат исклучиво официјалните препораки.
Тој истакна дека во изминатиот период различни лекари кои не се епидемиолози или инфектолози изнесувале ставови и совети во јавноста, што, според него, може дополнително да создаде конфузија кај граѓаните.
„Би замолил да нема слободни јавачи на епидемијата. Гледам и доктори кои не се, условно кажано, епидемиолози и инфектолози, даваат различни совети и мислења. Знам дека вакви состојби се популарни за кликови и собирање лајкови, но би замолил граѓаните да ги следат службените упатства и официјалните канали“, изјави Клековски.
Министерот уверува дека надлежните институции постојано ја следат состојбата, а во анализите е вклучена и Инфективната клиника, која располага со најширок панел за детекција на бактерии и вируси. Според него, водата повторно ќе биде пуштена во употреба само кога ќе биде целосно безбедна за граѓаните.
Неговата изјава следуваше по новинарско прашање за предупредувањата на дел од експертите дека, во зависност од периодот на инкубација на одредени вируси, можно е да има нов бран на заболени и во наредниот период.
На изјавата на министерот реагираше професорот на Медицинскиот факултет во Скопје и поранешен директор на Институтот за микробиологија и паразитологија, д-р Никола Пановски, кој со ироничен тон порача дека Клековски треба да ги предупреди медиумите повеќе да не бараат негови изјави.
„Јавно го замолувам министерот за здравство да ги предупреди медиумите да не ме бараат повеќе за совети и изјави. По моите настапи одат кратки видеа, па лајкови итн. Лајковите не зависат од мене, туку од медиумите. До сега изјави сум дал за Телма, Сител, Канал 5, МТВ, Алсат, Македонско радио, интервју за 24 Вести, Слободен печат и многу други. Од денес нека си бараат исклучиво епидемиолози и инфектолози“, напиша Пановски.
Тој потсети дека уште на почетокот на кризата препорачал да биде прогласена епидемија во Гостивар и да бидат јавно објавени резултатите од анализите, додавајќи дека неговите совети биле прифатени со задоцнување.
„Мојот прв совет, да прогласите епидемија, го прифативте по 10 часа, истата требаше да се прогласи два дена порано. Мојот втор совет, веднаш да се објават резултатите, ОЈО го прифати по 10 часа. Конечно, зошто лица кои воопшто не се доктори даваат изјави и одговараат ‘хипотетично’ за фекални бактерии, иако не се доктори по медицина. Мој последен совет, покрај епидемиолози и инфектолози, ставете и стоматолози“, додаде Пановски.
Во дебатата се вклучи и претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој побара итно објавување на сите анализи поврзани со загадувањето на водата во Гостивар. Тој предупреди дека користењето неисправна техничка вода во угостителските објекти може да предизвика сериозни здравствени последици, меѓу кои труење со храна и појава на хепатит А.
Полемиките околу тоа кој треба да зборува за епидемијата и како треба да се информира јавноста продолжуваат, додека институциите уверуваат дека состојбата внимателно се следи и дека сите одлуки ќе бидат донесени врз основа на стручни анализи.
