Skip to main content
Свет

Кина со порака до Трамп: Не мешајте се во нашата соработка со Москва

18/09/2026  19:20

Кина остро се спротивстави на новиот пакет-санкции на САД против Русија, кој му дава на американскиот претседател Доналд Трамп широки овластувања да воведува царини на земјите што купуваат руска нафта и гас, порачувајќи му на Вашингтон да не се меша во легитимната соработка на Пекинг со трети земји.

Кина се спротивставува на нелегалните еднострани санкции, кои немаат основа во меѓународното право или одобрение од Советот за безбедност на ОН, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џијакун, пренесува порталот „Јифенг“.

Одговарајќи на новинарско прашање за американскиот закон што му дава на американскиот претседател Доналд Трамп нови овластувања да воведува царини на земјите што купуваат руски нафтени производи, Гуо рече дека Кина традиционално развива нормална трговска и економска соработка со сите земји во светот врз основа на рамноправност и заемна корист.

„Таа соработка не е насочена против трети страни и не смее да биде предмет на мешање или принуда од трети страни“, рече Гуо на прес-конференција.

Амбасадата на Кина во Вашингтон објави дека Пекинг се спротивставува на едностраните рестриктивни мерки и на екстратериторијалната примена на американските закони.

„Кина се спротивставува на екстратериторијалната примена на националното законодавство и едностраните санкции што не се засновани на меѓународното право и кои не се одобрени од Советот за безбедност на ОН“, рече претставникот на кинеската амбасада, Лиу Чанг.

Во исто време, Пекинг јасно стави до знаење дека економската и трговската соработка на Кина со Русија и други земји не треба да биде предмет на притисок од трети страни.