
Кина денес ја одби понудата на американскиот претседател Доналд Трамп за давање тарифни олеснувања во замена за продажба на апликацијата TikTok, која е во сопственост на кинеската фирма ByteDance.
TikTok се соочува со закана од забрана во САД, освен ако нејзината матична кинеска компанија ByteDance не се согласи да го продаде својот дел во нејзините операции во САД.
„Кога станува збор за TikTok, Кина постојано го искажуваше својот став. Позицијата на Кина против воведување дополнителни давачки е исто така доследна и јасна“, изјави Гуо Диакун, гласноговорник на кинеското Министерство за надворешни работи.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, претходната вечер изјави дека би можел да ги намали давачките кон Кина со цел да помогне во финализирање на договорот за продажба на TikTok, на кој му се заканува забрана во САД.
„Кина ќе мора да има улога (во продажбата на апликацијата), веројатно ќе треба да го одобрат тоа, а тоа ќе го направат, можеби ќе им дадам мало намалување на царините“, рече Трамп синоќа, зборувајќи во Белата куќа.
Тој ова го соопшти вчера, кога најави нови увозни давачки од 25 отсто за сите автомобили и делови за автомобили кои влегуваат во САД.