
Интегрален текст од соопштение за јавност на Левица:
„Деновиве има бура од реакции на родители на деца со попреченост од истокот на Македонија на коишто им е ускратено законски загарантирнато право на лични асистенти”, истакна на денешната прес – конференција координаторот на Сектор – социјала при ПП Левица, Катерина Јовановска.
– Согласно информациите кои ги добивме од револтираните родители, децата со попреченост од Штип, Кочани, Св.Николе и Пробиштип од јануари годинава немаат лични асистенти, бидејќи нема таканаречени провајдери, односно договорите кои претходно биле потпишани за обезбедување на оваа услуга истекле на 31.12.2024 година, а нови сѐ уште не се потпишани – образложи Јовановска.
На прес – конференцијата, од Левица јавно прашаа:
– Зошто веќе 3 месеци надлежното министерство и министерот Лимани немаат потпишано нови договори за обезбедување на услугата лична асистенција во Штип, Кочани, Св.Николе и Пробиштип?
– Како е можно од 66 активни провајдери, Министерството да не се склучи договор со ниту еден од нив за обезбедување на услугата на лична асистенција за оваа година?
Јовановска потсети дека Владата иако во повеќе наврати ветуваше дека ќе го реши пробелемот со личните асистенти, за жал, решение сѐ уште нема.
– Владата не само што не обезбеди лични асистенти за сите лица на коишто им се потребни, туку сега и оние лица со попреченост коишто имаа лични асистенти, сега повеќе ги немаат. Личните асистенти се нужно потребни на децата и лицата со попреченост за да можат непречено да ги извршуваат своите секојдневни обврски – додаде Јовановска.
Од Левица потенцираа дека, за жал, поради мизерните услови за работа, сѐ помал број лица имаат интерес да работат како лични асистети.
Јовановска појасни дека личните асистенти се ангажираат со договор на дело и за надомест од само 17.000 денари, којшто е крајно понижувачки, но дека и тој надомест Владата не им го исплаќа редовно, што беше причина пред само неколку месеци личните асистенти да излезат на протест и да си ги бараат заостанатите надоместоци.
– Бидејќи ваквото несовесно и нетранспарентно работење на надлежното министерство предизвикува штета на и онака кревкото психофизичко здравје на децата со попреченост и на нивните родители, апелираме Владата предводена од ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ – во најбрз можен рок да потпише договор за обезбедување на услугата личен асистент за градовите Штип, Кочани, Св.Николе и Пробиштип, да го реши статусот на личните асиситенти и да овозможи секое дете и лице со попреченост да има личен асистент – апелираат од Левица.