Skip to main content
Македонија

Јаневска: Државната матура спроведена во најдобар ред, значително намалено препишувањето

16/06/2026  12:56

Државната матура оваа година е спроведена во најдобар ред, со значително намален број на случаи на препишување, изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Одговарајќи на новинарско прашање, Јаневска оцени дека организацијата на полагањето била на високо ниво, при што најголемиот дел од учениците испитите ги полагале совесно и без злоупотреби.

– Можеме да се пофалиме дека оваа година државната матура помина во најдобар ред и мир, организирана така како што треба, во најголем дел во големи простори каде учениците немаа можност да прибегнат кон нелегални дејствија – рече Јаневска.

Таа посочи дека бројот на ученици кои биле отстранети од испитите поради препишување е значително намален во споредба со претходните години.

– Од двата испитни термина отстранети се шеесетина ученици, што покажува дека има одличен напредок во спроведувањето на матурата – нагласи министерката.

Според неа, станува збор за ученици кои биле фатени при препишување и веднаш биле исклучени од полагањето.

Јаневска информира дека овие ученици ќе имаат можност повторно да полагаат во следниот испитен рок во август.

Министерката истакна и дека годинава е воведен нов пристап во полагањето, со два типа на матура во зависност од наставните планови и програми, со што, како што рече, е исправена досегашната нерамноправност меѓу учениците.