Skip to main content
Македонија

Институциите со заедничка декларација: Засилен одговор против насилството кај младите

16/06/2026  13:10

Пет министерства – за образование и наука, за спорт, за внатрешни работи, за социјална политика, демографија и млади и за дигитална трансформација, заедно со партнерски установи, невладини организации, пратеници и други членови на Националната работна група за превенција на насилство кај младите, која работи со поддршка на ОБСЕ, денес потпишаа декларација за намери за превенција на насилство кај младите. Документот треба да поттикне уште посилна заедничка акција за справување со овој голем општествен предизвик.

Потписниците потврдија дека ќе се заложат за градење на безбедна училишна срeдина,  за едукација за ненасилна комуникација, превенција во спортот, дигитална безбедност, ментално здравје и психосоцијална поддршка, посилна координација и одговорност меѓу институциите.

Во своето обраќање министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска рече дека насилството меѓу младите постоело и веројатно е дека ќе постои, а наша задача е да го сведеме колку што е можно на пониско ниво. Како што истакна, низ годините наназад, граден е механизам за справување со врсничкото насилство, кој особено во изминатите две е значително унапреден.

„Направивме законски измени согласно кои, училиштата се должни во своите годишни програми за работа да планираат и програми за промоција на добросостојба на учениците, заштита од насилство, од злоупотреба и запуштање, спречување дискриминација, подобрување на комуникацијата и слични активности за подигнување на свеста за мирна и хармонична училишна средина во која ќе има меѓусебно разбирање и почитување. Ги зајакнавме стручните служби со ангажирање на кадар онаму каде недостигаше и со обуки за вештини зa превенирање насилство, а ги вративме дежурствата на наставниците за време на одморите во ходниците и во дворовите“, рече министерката.

Потсети и дека со приватниот сектор еподготвен прирачник за наставници и стручни соработници за справување со врсничко насилство, базиран на ефективни одговори на примери од пракса, како и прирачник за справување со сајбер насилство.

„Младите не стануваат агресивни во училиште, туку агресијата ја носат однадвор или поточно – најчесто од семејството. Во собраниска процедура се законски измени кои предвидуваат парични казни за родителите и старателите на децата за кои ќе се утврди дека извршиле врсничко насилство во училиште“, додаде Јаневска, информирајќи дека многу скоро ќе започне и мултиресорска кампања за справување со семејно и врсничко насилство.