Skip to main content
Македонија

Јанев лично во Кочани: Проверува како Лазов избега од полициската станица – Секој пропуст ќе биде санкциониран

13/07/2026  16:51

По бегството на 41-годишниот Александар Лазов од Кочани од полициската станица и распишувањето меѓународна потерница по него, директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, отпатува во Кочани за лично да ги утврди сите околности под кои осомничениот успеал да избега.

Јанев соопшти дека заедно со дел од својот тим извршил увид во полициската станица, нагласувајќи дека станува збор за сериозен инцидент кој ја нарушува довербата на граѓаните во полициската служба.

„Попладнево сум во Кочани со дел од мојот тим, лично да се информирам за сите детали и околности поврзани со настанот од петокот, кој сериозно ја наруши довербата во полициската служба. Бегството од полициската станица на лице познато на полициските служби е сериозен инцидент кој бара целосно расчистување на сите околности и преземање на соодветни мерки. Сакам јасно да порачам: ова е недозволиво“, порача Јанев.

Тој предупреди дека доколку истрагата покаже намерно постапување, помагање, прикривање или несовесно извршување на службените задачи, ќе следува одговорност за сите инволвирани.

Според директорот на БЈБ, внатрешните контролни механизми веќе се целосно активирани, а Внатрешната контрола, со поддршка на повеќе централни оддели, ги проверува сите околности и службени лица поврзани со случајот.

„Секој кај кого ќе се утврди пропуст или вина ќе биде соодветно санкциониран. Очекувам целосна професионалност и непристрасност во целиот процес. Локални шерифи нема да постојат. Никој кој свесно или несовесно дозволил нарушување на законот и службените процедури нема да биде поштеден од одговорност“, истакна Јанев.

Тој не го криеше разочарувањето од инцидентот, особено затоа што, како што рече, очекувал вакви пропусти да не се повторуваат.

„Искрено, особено за овој регион, мислев дека лекцијата е научена. Но, повторно се соочуваме со постапки кои ја нарушуваат довербата на граѓаните и ја засенуваат работата на мнозинството чесни и професионални полициски службеници“, изјави директорот на БЈБ.

Јанев нагласи дека во тек е темелна проверка и најави конкретни мерки против секој што го прекршил законот, службените процедури или ја злоупотребил довербата што му била дадена.

„Пораката е јасна – законот мора да важи еднакво за сите. Криминалците ќе бидат пронајдени, а секој што помогнал, дозволил или премолчел незаконско постапување ќе сноси одговорност“, порача директорот на Бирото за јавна безбедност.