
Редовното консумирање газирани пијалаци не само што го зголемува ризикот од дебелина, дијабетес и срцеви заболувања, туку може и да го забрза процесот на стареење, покажуваат резултатите од научно истражување објавено во списанието American Journal of Public Health.
Истражувачи од Универзитетот во Сан Франциско анализирале здравствени податоци од 5.309 лица на возраст од 20 до 65 години, кои немале историја на кардиоваскуларни заболувања.
Анализата покажала дека луѓето кои редовно пијат газирани пијалаци имаат пократки теломери – заштитни делови на краевите од хромозомите кои играат важна улога во процесот на стареење. Скратувањето на теломерите е поврзано со побрзо стареење на клетките и зголемен ризик од развој на хронични заболувања.
Дополнително, претходно истражување објавено во Current Nutrition Reports покажало дека газираните сокови негативно влијаат и врз цревната микробиота, што дополнително може да го наруши целокупното здравје. Научниците посочуваат дека оксидативниот стрес, кој е поврзан со консумирањето на вакви пијалаци, е уште еден фактор што придонесува за побрзо стареење на организмот.
Експертите советуваат газираните пијалаци што е можно почесто да се заменуваат со вода, незасладени чаеви или други поздрави напивки, со цел да се намали ризикот од бројни заболувања и да се зачува здравјето на долг рок.


